Showing posts with label Македонска ономастика на XLIX меѓународна научна конференција. Show all posts
Showing posts with label Македонска ономастика на XLIX меѓународна научна конференција. Show all posts

Wednesday, May 18, 2022

Македонска ономастика на XLIX меѓународна научна конференција

 link 

Во рамките на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, секоја година се организира Меѓународна научна конференција, на којашто странските и македонските македонисти, слависти и балканисти ги соопштуваат своите истражувања од областа на јазикот и литературата.

Општа тема на XLIX меѓународна научна конференција
Македонскиот јазик и македонската литература и култура наспроти другите јазици, литератури и култури

Теми за лингвистичката секција
1. Македонскиот јазик наспроти другите јазици

Насоки:
Современи и историски проучувања на содржините од различни области на македонскиот јазик (фонтетика, фонологија, морфологија, лексикологија, лексикографија, зборообразување, фразеологија, синтакса, текст-лингвистика, ономастика, дијалектологија, стилистика и  социолингвистика).
Проучувањата можат да се однесуваат само на состојби во македонскиот јазик или споредбено да претстават јазична состојба во македонскиот наспроти друг јазик/други јазици, словенски и несловенски.

2. „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ на Блаже Конески 
Првиот дел од „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ на Блаже Конески е објавена пред 70 години. Со чествувањето на овој значаен јубилеј на македонскиот јазик го отвораме прашањето за важноста на граматиките, како на дијахрониски, така и на синхрониски план. 
„Граматиката на македонскиот литературен јазик“ на Блаже Конески може да биде поттик за научни истражувања поврзани со македонските граматики: „Македонска граматика“ (1946) на Круме Кепески, „Општата граматика на македонскиот јазик“ (2008) од авторите: Стојка Бојковска, Лилјана Минова-Ѓуркова, Димитар Пандев и Живко Цветковски, „Граматиката на македонскиот јазик за странци“ (2006) од Лилјана Минова-Ѓуркова итн., како и со македонските граматики напишани на друг јазик „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ од Хорас Лант (1952), Macedonian grammar (2001) од Виктор Фридман итн. Темата може да биде поттик и за проучување на овие граматики, но и споредбени проучувања со различни граматики на други словенски, па и несловенски јазици. 

3. Јазикот во драмските текстови
Јазикот и стилот на Васил Иљоски
Јазикот и стилот на Горан Стефановски
По повод 120 години од раѓањето на Васил Иљоски и 70 години од раѓањето на Горан Стефановски ја предлагаме заедничката тема „Јазикот во драмските текстови“. Оваа јубилејна тема нека биде поттик за проучување на делата како на Иљоски и на Стефановски, така и на драмските текстови вооопшто.

Kooрдинатори: проф. д-р Лидија Тантуровска и проф. д-р Eлена Јованова-Грујовска

Теми за секцијата за литература и култура
1. Македонската литература и култура наспроти другите литератури и култури
Насоки:
Современи компаративни проучувања на литературната и културната експресија кои ги надминуваат јазичките, националните, географските и идеолошките граници; 
Релациите помеѓу литературата и/или културата и: историјата, политиката, етиката, филозофијата, уметноста, екологијата, науката и др. 
2. Драмскиот текст во контекст
По повод 120 години од раѓањето на Васил Иљоски и 70 години од раѓањето на Горан Стефановски ја предлагаме заедничката тема „Драмскиот текст во контекст“, како поттик за проучување на делата како на Иљоски и на Стефановски, така и на драмските текстови вооопшто.
Насоки за проучување на драмските текстови на Васил Иљоски
- Творечките особености на драмските текстови на Васил Иљоски во контекст на времето за кое пишува;
- Творечките особености на драмските текстови на Васил Иљоски во контекст на македонската повоена драма;
- Творечките особености на драмските текстови на Васил Иљоски во контекст на македонската битова драма;
Насоки за проучување на драмските текстови на Горан Стефановски
- Драмските текстови на Горан Стефановски во контекст на модернизмот и постмодернизмот; 
- Драмските текстови на Горан Стефановски во контекст на имаголошките и постколонијалните проучувања;
- Драмските текстови на Горан Стефановски во контекст на македонскиот идентитет;
- Драмските текстови на Горан Стефановски пишувани во странство.
Насоки во однос на проучување на драмските текстови воопшто: 
- Драмските текстови во контекст на националното самодефинирање, етиката, сликата за другиот и др.

Координатор: проф. д-р Лорета Георгиевска